Екипата на Кичево на гостувањето во Скопје кај Шампион ја прослави втората победа во новата натпреварувачка сезона во Првата лига, откако во неизвесен натпревар, кој беше проследен со многу осилации кај двата табора, славеше со 19:17. Шампион на десет секунди пред крајот доби пенал за израмнување, но голманот на Кичево, Дејан Михајлоски не дозволи да биде совладан и на својот тим му донесе нов триумф.
Ракометарите на Кичево во воведниот дел стигнаа до 2:0 и пропуштија неколку шанси да заминат на поголема позитива. Солиден меѓу стативите на голот на Кичево беше искусниот Дејан Михајлоски, кој не дозволуваше лесно да биде совладан. Шампион првиот гол го постигна дури по осум минути игра и во поголемиот дел од првото полувреме беше во резултатска негатива од еден до три гола разлика.
Иако пред крајот на првиот дел предноста на Кичево беше 7:5, ракометарите на Чивлачки со два гола во низа конечно дојдоа до израмнување на резултатот, 7:7. Гостинската екипа имаше повеќе среќа во финишот на првото полувреме, па на пауза замина со минимално водство од 9:8.
Кичево со подобрата ангажираност во одбраната и нападите успеа во вториот дел да го скрши отпорот на домаќинот, се одлепи на 15:9 и од готово направи вересија. При водство на Кичево од 16:10, домаќините со одлична серија од 6:0 го израмнија резултатот на 16:16 и се изборија за егал. Во последните десет минути двете екипи беа во игра за освојување на бодовите. Ракометарите на Кичево беа повеќе концентрирани во клучните моменти, додека Шампион во обидите да дојде до предност сѐ почесто правеше грешки.
Најефикасни во победничката екипа беа Иван Никодиновски со пет и Кристијан Смилески со четири гола. Во поразената екипа се истакнаа Маркијан Костов со четири и Александар Велјановски со три гола.