Михајловски: Не ја добивме најавената помош, но ќе продолжиме да се бориме за титули!

Двократниот европски првак Вардар минатата недела доби лоша вест за исклувањето од новата сезона во Лигата на шампионите.

По 22 сезони, Македонија нема да има претставник во машката ЛШ, а претседателот на Вардар, Михајло Михајловски, уште еднаш потврди дека не ја добил ветената помош.

„Сите сте сведци на она што не снајде, се огласивме и со официјално соопштение. Сакам некои работи да ги повторам. Голема почит кон Самсоненко, кој за пет шест години со Вардар, три пати беше на Ф4 и освои две титули. Тој од свои причини во кои не сакам да навлегувам го остави клубот, а јас како вљубеник во Вардар, се нафатив да го спасуваме, бидејќи во тој моменти сите беа слободни. Направивме добар состав, но искрен да бидам јас ова го направив во договор со државни институци. Да не беа нивните ветувања, јас немаше да се нафатам сам, бидејќи знам колку можам сам и со своите спнзори да обезбедам финансии. Знам каква е состојбата, имаше пандемија, па енергетска, економска криза, па воена интервенција. Не добив никаква помош, нула. Не мораше сето тоа што сме се договориле, но очекував дека барем половина ќе добијам од тоа што ми беше ветено. Сакам да искажам голема благодарност до спонзорите што овие две години го помагаа клубот. За овие две години освоивме две двојни круни во Македонија, а имавме сериозна екипа како голем конкурент, Еурофарм Пелистер. Иако сме конкуренти, имаме одлична соработка“, изјави Михајловски.

За следната сезона, Вардар потпиша договори со четворица странски ракометари.

„За следната сезона потпишавме нови четворица ракометари – Дуарте, Цехте, Андреев и Анѓелиќ и бевме убедени екипата за следната сезона е барем за 20% посилна, не само поради засилувањата, туку и порад актуелните играчи кои се воиграа. Такви беа плановите се до 17 јуни, кога се случи нешто непосакувано. Имав средба со Видерер во Виена и во Келн, меѓутоа тие поинаку ги сфаќаат работите. Имавме рок до 15 мај за 500.000 евра, кои ги плативме на 31 мај. Чудно и симптоматично е што никој од ЕХФ не напиша ако не платите нема да играте. Првата година имавме перипетии, но јас потпишав дека обврските ги преземам јас долговите од 2,5 милиони евра. Втората сезона пак не условија со депозит од 1.000.000 евра. До нас не дошла ниту една тужба, немало такво ништо од никој вардарец. Никогаш не било децидно, ако не ми платите до тогаш, ќе ве дадам на суд. После сетоа ова што ни се случи, ние одржавме состанок со играчите што се во Македонија и мораме и понатаму да размислуваме за иднината на Вардар. Не сакам да помислам дека може да имаме судбина на фудбалскот клуб, или на Кометал ЃП. Сакаме да продолжиме да се натпреваруваме и да се бориме за титули во Македонија, достојно да се претставиме во СЕХА, која продолжува во август. Вардар ќе игра во домашно првенство и во регионалната лига. Сакам да им изразам благодарност на сите играчи за лојалноста. Целата екипа освен најавените странци останува и за наредната сезона. Треба да имам разговори уште со Дибиров и со Томовски, и се надевам дека ќе останат и тие“.

Михајловски најави дека сака да се повлече од Вардар, но не пред да најде негов заменик.

„Пред да се случи ова со ЕХФ, сакав да се повлечам од клубот. Сакам и се обидувам да најдам некој што ќе ме замени. Јас ќе најавам оставка, но нема да го оставам така клубот. Сакам прво овие заостанати долгови со Самсоненко да ги исчистиме, во наредните два три месеци, со изјави од сите играчи дека се исплатени и немаат побарувања од клубот“, заврши Михајловски.