Тимот на Еурофарм Пелистер 2 по заминувањето на Александар Зарков, кој беше предводник на младите пелистерци во вториот дел од изминатата сезона, откако Александар Јовиќ беше назначен за нов тренер на првата екипа, реши да ангажира тренер од сопствените редови.
Вториот тим на македонскиот шампион во следната натпреварувачка сезона 2023/24 ќе биде предводен од Михаил Петровски. За Петровски ова ќе биде најголемиот предизвик во својата тренерска кариера, односно првпат ќе предводи сениорска екипа, која за следната сезона ќе атакува на подобар пласман во најсилното натпреварување во Македонија.
39-годишниот тренер работеше во младинските категории во битолскиот тим, а како играч го носеше дресот на Еурофарм Пелистер, Констанца, Вардар, данските екипи Архус и Рингстед, Ал Калеј од Саудиска Арабија, францускиот второлигаш Валанс, како и на унгарските тимови Балатонфуреди и Дабас.
Петровски како играч својата кариера ја започна и ја заврши во Еурофарм Пелистер. Поранешниот ракометар имаше настапи и за сениорската репрезентација на Македонија на пријателски натпревари во времето кога селектори беа Љупчо Савевски, Звонко Шундовски и Зоран Тута Живковиќ.
Еурофарм Пелистер 2 во новата сезона за ривали во групната фаза ги има Струга, Алкалоид, Куманово, Тиквеш, Скопје, Аеродром и Охрид. Според квалитетот, како и остварените резултати во претходните сезони, тимот повторно може да се надева на добар пласман во елитата.