Митровиќ блесна на голот, Куманово преку Ѓорче го запоседна врвот во Женската лига!

Ракометарките на Куманово ја продолжуваат серијата без пораз во Женската лига, откако славеа на гостувањето кај Ѓорче Петров со 20-24. Со оваа победа шампионот се издвојува на врвот на табелата со 20 бода, а ѓорчевки ќе останат на втората позиција со 17 бодови.

Избраничките на Симе Симовски тргнаа добро, поведоа со 2-0 и 4-2, но тука застанаа. Кумановки ги неутрализираа бековите на Ѓорче Петров и полека ја преземаа контролата на теренот.

Направија пресврт и поведоа со 4-6, а домаќинките не погодија десет минути. Во продолжение се разбрани голманката на Куманово, Катарина Митровиќ, а Сара Цветановска го полнеше голот на Ѓорче Петров за највисоки плус пет, 6-11. Уште повеќе се влошија работите за домашниот тим во финишот на полувремето, кога шампионот стигна и до водство од шест гола, 7-13.

Каде што застана, таму продолжи гостинскиот тим на стартот на вториот дел. Голманката Митровиќ одбрани два удари, а нападот на Ѓорче Петров немаше многу идеја. Беше 8-15, Антиќ запре пенал на кумановки, па домаќинките врзаа два гола во серија за 10-15.

Се разбудија ракометарките на Ѓорче Петров, се разбуди и публиката во продолжение од натпреварот, намалија на 13-17, но тоа беше се од нив. Создаваа шанса домашните, но секогаш пред нив се испречуваше Митровиќ.

Кога Куманово се одлепи на 16-23, веќе беше јасно кој ќе ги освои бодовите на овој натпревар. До крајот Ѓорче Петров само го ублажи поразот до конечни 20-24. Најдобри стрелци кај Куманово беа Цветановска со шест и Алмеида со пет погодоци, но јунак на мечот беше голманката Митровиќ со 21 одбрана. Кај Ѓорче Петров се истакнаа Ана Марија Коларовска со седум гола и Симона Стојановска со четири погодоци.

ПозЕкипаНПРЛБ