Голманот кој дојде вчера во Дебрецин, Никола Митревски денеска имаше добар настап и во второто полувреме држеше Македонија на потребното ниво за да остане во игра, но колегите не успеаја да го издржат ритамот и да ги искористат неговите одбрани.
После натпреварот имаше свое видување за она што беше направено на теренот.
„Одигравме многу далеку од она што се подготвувавме за Црна Гора. Ова беше натпревар под нашите можности и од секој натпревар треба да се учи. Поголемиот дел од играчите имаат доволно искуство. Сепак, ако не делуваме како целина, тогаш како индивидуи сме ништо“, коментираше Митревски.
На оваа средба покрај Лазаров во составот го немаше и Стоилов кој имаше позитивен тест на Ковид.
„Секое отсуство ремети многу, без разлика кој е. Стоилов е важен како на терен така и во соблекувалната и на клупата. Добивме поддршка од него како што доликува, но нè изремети информацијата кога дознавме дека нема да игра“.
Смета дека средбата не била загубена од поединец или поради тактиката туку дека сите се виновни исто.
„Сè што прави стручниот штаб е вистинско. Има зошто го направиле тоа. Сите грешевме денеска и нема поединец да ја загуби средбата. Поразот е на цела екипа“, рече Митревски после натпреварот.
Впечатокот ќе може да се поправи против Данска в понеделник, но после двата порази шансите за пласман во вториот круг веќе не постојат така што на Македонија и останува само да одигра без притисок на последниот натпревар за оваа година на ЕП.