Митревски: Ништо не е готово, има уште едно полувреме со Чешка пред 7.000 Македонци!

Машката сениорска репрезентација на Македонија не успеа да се израдува на триумф во првиот дуел против Чешка од бараж двомечот за СП откако во Злин одигра само реми, 24:24, иако во текот на натпреварот константно беше во водство, на моменти предноста беше седум гола разлика.

Голманот на Македонија, Никола Митревски имаше солиден учинок меѓу стативите, забележа 11 интервенции.

Искусниот голман истакна дека сѐ уште не е готово ништо бидејќи има уште едно полувреме од двомечот со Чешка. Митревски искажа и голема благодарност до сите македонски навивачи кои направија одлична атмосфера во Злин.

„Одигравме 40-45. минути феноменално, при крај имавме водство од 20:24, после тоа доста напади не реализиравме, мислам дека ако постигнавме некој погодок ќе завршеше со 4 до 5 разлика за нас. Пред натпревар ако некој понудеше нерешен резултат и ваква игра, мислам дека би прифатиле. Не е ништо готово. На терен излеговме да играме, да се надигруваме, немавме доволно информации за нив со новиот селектор, но одигравме одлично, борбено…. Може не изненадија со некои ситниции, но во суштина бевме доволно спремни. Во второ полувреме се случи заморот и неколку технички грешки. Исходот од овој натпревар е добар резултат и само едно полувреме заврши. Има уште едно полувреме, во Скопје, пред 7000 публика. Исто така, голема благодарност до сите кои што дојдоа во Злин да не бодрат. Не се чувствувавме сами, имавме голема поддршка и многу значи поддршката, која ја добивме на денешниот натпревар. Не се сомневам дека и во Скопје ќе имаме поддршка, заедно со навивачите ќе прославиме победа. Бевме доволно спремни, го исполнивме тоа што се спремавме. Најверојатно за ревашот Чесите ќе пробаат нешто да изменат, наше е да се подготвиме за вториот натпревар, имаме два до три дена да одмориме и да излеземе в недела на победа“, изјави Митревски.

Реванш средбата меѓу Македонија и Чешка се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.