Машката репрезентација на Македонија имаше победнички старт во квалификациите за Европското првенство 2024 година.
По убедливиот триумф над Луксембург, селекцијата на Македонија утре патува во Турција на вториот меч.
Голманот Никола Митревски е оптимист за неделниот натпревар истакнувајќи дека Турција не смее да се потцени.
„После убедливата победа против Луксембург повторно сме фаворити, сега против Турција. Сепак, тоа треба да го оправдаме на терен, таму ќе биде многу напорно, патуваме утре и ќе имаме мал период за адаптација. Ние сме фаворити и нашиот квалитет и искуство треба да дојде до израз и да ја оствариме втората победа во квалификацискиот циклус. Имавме можност да го гледаме вчерашниот натпревар на Турција против Португалија. Селекцијата на Турција има играчи, кои што играат во Бундес лига и во македонскиот шампионат, мора да бидеме претпазливи, да одиграме на максимум, да го дадеме најдоброто од нас, бидејќи се спремаме за да победуваме и подобри селекции. Репрезентацијата на Турција е составена од брзи бекови, добри крила, играат агресивна одбрана и тактиката од селекторот и стручниот штаб ќе треба да се спроведе на терен“, изјави Митревски.
Македонија во квалификацискиот циклус влезе со подмладен состав и со неколку нови играчи во ростерот.
„Секогаш кога си помлад очекуваш нешто од поискусните, некој совет кој би ти значел нешто во кариерата. Јас се обидувам, како и останатите што ми пренесувале искуство и знаење, да им пренесам на помладите и сето тоа да биде добро за нивниот животен развој и нивната игра. Се обидуваме ние поискусните да им бидеме секогаш поддршка на младите и да добијат сѐ што ќе побараат од нас. Со победата против Луксембург и доколку победиме против Турција веќе со една нога сме на ЕП 2024. Младите играчи веќе имаат едно до две првенства зад себе и мислам дека сето тоа искуство ќе допринесе за продолжување на континуитетот на настапи на големите натпреварувања. Македонија е една од ретките репрезентации кои има голем континуитет на настапи на големите натпреварувања и треба да се продолжи и понатаму за ракометот да остане спорт број еден во Македонија“, заврши Митревски.
Двобојот меѓу Турција и Македонија се игра во градот Ван в недела на 16 октомври со почеток во 16:00 часот.