Првиот избор за голот на Македонија на ова Светско првенство е Никола Митревски, кој вчера против Чиле покажа дека ја заслужува сета доверба, а собра голем број на интервенции.
Митревски бранеше најдобро кога беше најпотребно и стигна до двоцифрен број на одбрани, а на моменти го имаше затворено својот гол.
„Она што ни беше зацртано досега успеавме да го направиме. Ја исполнивме примарната цел и дојдовме до пласман во втората фаза на овој шампионат. Сега имаме уште потешка задача бидејќи ни следуваат уште три натпрвари против квалитетни селекции и се надевам дека ќе одиграме подобро и ќе успееме да прикажеме многу подобра игра“, рече Митревски на денешниот прес.
Веќе утре следува дуел против Словенија, в петок против Русија, а в недела со Белорусија.
„На овие натпревари што следуваат немаме што да загубиме и мораме да влеземе растоварени со желба за борба и докажуваме. Знаеме кои се нашите квалитети во моментов не се залетуваме, ниту, пак, треба предвреме да се откажеме. Немаме уште детална анализа на играта на Словенија. загубија против Русија и сигурно дека имаат свои проблеми, но ќе видиме утре на терен“, изјави голманот на репрезентацијата на Македонија.
Сите натпревари од втората фаза Македонија ги игра во ист термин. Средбите почнуваат од 15:30 часот.