Македонската делегација која ќе биде дел од Светското првенство во Египет, попладнево полета за Каиро. Поканата од ИХФ ја добивме во „пет за 12“ но тоа за нашите ракометари, а ни за РФМ не беше проблем.
„Статусот на резерва нè принуди да чекаме до последно. Ситуацијата така налагаше, се најавуваше дека Чешка ќе патува со било кој тим, Американците со 12 ракометари и шансите се намалуваа. Навистина е тажно ова што и се случи на Чешка. Не е човечки, ниту спортски да му се посака таква ситуација на било кој, пред сè треба да сме луѓе, за здравјето станува збор… Благодарам на РФМ што ни го овозможи ова. Во таков кус временски рок успеја да организира сè, подготвени да заминеме на СП. Преголем хаос беше и за нас играчите, верувам и за РФМ беше за толку кусо време се да се спреми, но успеавме“, потецира голманот Никола Митревски.
Со подмладен состав Македонија патува на Мундијалот на кој буквално нема што да загуби, а може многу да добие.
„Треба да уживаме во ова СП. Повикани сме како ’гости’ и треба да се покажеме во што е можно подобро светло. Ова е одлична шанса да се добие на искуство. Не одиме со резултатски пристисок и знаеме што може да добиеме, а немаме ништо да загубиме. Ако не се откажеше Чешка сигурно ќе бевме дома, а подобро е да играме, отколку да гледаме дома на ТВ. Самиот настап на СП е многу важен за играчите, особено младите, добиваат на значење и треба да сме среќни и задоволни со овој повик. Најважно е да одиграме машки и борбено, а резултатот сам ќе си дојде. Ако одиграме добро тоа е одлична шанса за младите да пораснат, поттик за понатаму како за нив, така и за нас, нè чекаат квалификации за ЕП“, заклучува Митревски.
Митревски на ова првенство ќе го има статусот на прв чувар на мрежата заедно со Томовски и Даниловски за кои ова ќе биде прв настап на едно СП во А националниот тим.