Митревски: Настапот на овој Мундијал треба да ни биде лекција за следното ЕП

Македонија ја совлада Јужна Кореја со 36-33 на последниот натпревар на Мундијалот во Полска и Шведска. Овој триумф беше доволен само за пласман на 27. место на Светското првенство што секако не е резултат со кој треба да бидеме задоволни.

Капитенот Никола Митревски во изјава за 24Ракомет вели дека нашето место не беше на „Президент Купот“, но добро е што завршивме со три победи на СП.

Треба да учиме од секој натпревар. Во овој момент можеби е најважно што завршивме со три победи. Секако дека нашето место не е на овој „Президент куп“ но поради сплет на околности, лоши моменти, добри противници завршивме тука. Се боревме максимално на секој натпревар, штета тие неколку минути со Тунис каде направивме неколку технички грешки, изгубивме неколку топки, и не игравме за подобар пласман односно за борба за 25.место.

Голманот смета дека можеби целевме на некој нереален пласман на ова СП.

Tука сум од 2007 година во националниот тим. На секое првенство досега ние сме целеле можеби на нереални пласмани. И тоа не само во ракомет, туку и во сите спортови. Имаме преголеми очекувања и при првиот неуспех…еве и овојпат исто беше после првиот пораз од Норвешка кој воопшто не беше неочекуван, туку е реалност ако се знае која е Норвешка, каде играат сите нејзини ракометари и какви услови имаат сите таму. Мислам дека кај нас премногу трагично се сфаќа секој пораз, а ќе повторам дека никој повеќе од нас кои сме на теренот не ја посакува победата. Никој, ниту вие новинарите, ниту нашите дома, ниту публиката, повеќе од нас не сака да победи. Но некогаш треба да се погледнеме во огледало кога ќе загубиме и да кажеме треба уште многу да работиме.

Настапот на Мундијалот треба да послужи како една лекција за следното големо натпреварување, па следува настап и на СП.

Мислам дека настапот од овој Мундијал треба да ни послужи како една лекција за понатамошните големи натпреварувања. Многу луѓе коментираа дека во 2014, 2015 година дека ќе ни се распадне ракометот, дека веќе никогаш нема да се пласираме на големо натпреварување а реалноста е таа дека ние имаме поголем континуитет на пласман и од една Шведска и Германија. Реалноста наша е таа. Тука да сме, па со сплет на околности дали ќе одиме горе или доле. Порано било друго пред пет шест години, но сега е сосема друго.

Резултатите од оваа репрезентација би можело да се очекуваат за неколку години.

Не знам како ќе биде во иднина, треба да оставиме и да видиме како ќе се развиваат овие играчи, каде и во какви натптеварувања ќе играат. На пример некој пред 3 години да ни кажеше дека за Холандија ќе бевме големи фаворити, а видете сега Холандија има 7-8 ракометари кои играат во Бундеслигата, а ние од 4-5 што имавме сега имаме само еден. Плус имаме еден кој игра во Лигата на шампионите и неколку играчи од Еурофарм кои играат во Лига Европа. Но тоа е во овој момент, не значи дека нема да се промени нешто во иднина. Прво не треба да бидеме толку критични кон самите себе, самите ние лошо се чуствуваме кога губиме, никој не сака да губи а ние така трагично ги сфаќаме поразите, под притисокот на целата македонска јавност, а во светот не е така. Разликата е дека ние имаме преголеми нереални очекувања а кога ќе не вратат во реалноста тоа е шок. Истото се случи со Србите со кошарката и фудбалот. Тоа е веројатно некој синдром кој не е само кај нас туку генерално на Балканот. Ако го победиш најслабиот тогаш сме светски прваци, а ако загубиш од светскиот шампион, не вредиш ништо. Ние сме од 20 декември собрани, години наназад сме одвоени од семејствата и секогаш имало некоја причина да се плука, да се навредуваат играчите. Пример со фудбалот – во Аргентина сите се обединија и кога првпат беа такви, освоија светска титула. Само сплотени можеме нешто да направиме. Треба да го промениме менталниот склоп, и се надевам дека во иднина тоа ќе се случи.

Македонија го заврши настапот на Мундијалот во Полска и Шведска на 27 место во генералниот пласман. Ракометарите на Лазаров немаа победа во групната фаза, по што им следуваше настапот во Президент купот каде одиграа 4 натпревари во кои имаа биланс од три победи и еден пораз.