Тимот на Порто и по девет кола во Лигата на шампионите останува без победа, откако на домашен терен загуби од францускиот ПСЖ со 35-33. Португалскиот првак имаше и пет гола предност во првиот дел, македонскиот репрезентативец Никола Митревски беше одличен со десет одбрани, но ниту тоа не беше доволно за да се совлада дрим-тимот на Раул, кој во вториот дел го скрши отпорот на домашните.
Порто отвори одлично и поведе со 8-3 по десетина минути игра, а Митрревски имаше свои моменти во овој период. Беше и 10-6, но како одминуваше времето така гостите се враќаа во игра.
Немаа домашните решение за Шипжак, кој беше непогрешлив од пенал и за Пранди, кој погодуваше од далечина. ПСЖ дури и поведе со 14-13, но Порто се врати во игра и на пауза замина со предност од еден гол, 17-16.
Како што заврши првото, така почна и второто полувреме со игра гол за гол. ПСЖ притисна и по водството на Порто со 23-22, постигна четири гола во серија преку Карабатиќ и Кристопанс за 26-23.
Беше и 30-25, Андерсон го врати Митревски на голот, и македонскиот голман со три одбрани во серија му дозволи на Порто да намали на минус два, 30-28. Домашните пропуштија шанса да намалат на еден гол, ПСЖ казни веднаш за 31-28 и оттогаш до крај рутински ја задржа предноста.
Најдобри стрелци во победничкиот тим беа Шипжак со девет гола, како и Кристопанс и Пранди со по шест, додека кај Порто, Итуриза даде осум, а Микелсен и Ареиа стрелаа по пет пати. ПСЖ сега има 16 бода, пред Веспрем кој е втор со 13 бода, додека Порто е закован на дното со само еден бод.