Ракометарите на Аеродром без пораз по седум кола во Првата лига успеаја да обезбедат место во плеј-офот за баражот за Суперлига.
Избраниците на Дарко Петровски и во последниот дуел од регуларниот дел прославија убедлива победа над составот на Преспа со 29-36.
Уште на стартот аеродромци поведоа со 1-5, а на пауза имаа водство од четири голови разлика, 14-18.
Во второто полувреме, ресенци кои беа на овој дуел само со десет ракометари, ги стигна умор, но и покрај тоа успеаја во неколку наврати да намалат на минус три.
Сепак немаа сили за нешто повеќе и Аеродром рутински го заврши мечот. Најдобри стрелци кај победникот беа Иван Митревски и Климент Ефтимов со по десет погодоци, додека кај Преспа седум голови постигна Филип Шиклевски, а шест Дејан Камчев.