Голманот Никола Митревски беше еден од најзаслужните за победата на Македонија над Украина во првиот меч на Европското првенство. Во клучните моменти со фантастични интервенции ги сопре налетите на противникот и ја крена публиката на нозе.
После натпреварот Митревски ги сподели впечатоците од отворањето на првенството и тешката победа над незгодниот состав на Украина.
„Имавме водство цел натпревар и мислам дека заслуживме да победиме со повеќе разлика. Можеби мал период на пад на концентрацијата во одбрана и нападот не чинеше водството од пет разлика да се намали на еден, па и на нерешено да треба да олучуваме на крајот, но како и секогаш капитенот беше тука да го реши мечот. Горе-долу Украина одигра она што го очекувавме. Победа си е победа, не е важно дали е еден разлика или десет, важно е дека победивме и одиме да се подготвуваме за дуелот со Чешка. Во поголемиот дел од натпреварот го одигравме она што се договаравме, имаше падови и ситни грешки, но мислам дека разликата нема да одлучува туку бодовите за пласманот во следната фаза.
Второто коло е на програмата в недела кога Македонија се среќава со Чешка која мора да оди на победа по поразот од Австрија.