Некогашниот македонски репрезентативец Митко Стоилов повторно ќе заигра ракомет. Тој лани реши да заврши со активното играње и да се посвети само на тренерска работа, но сега 39-годишниот лев бек се активира на теренот.
Неговиот Младост Богданци има големи проблеми со повреди на тројца ракометари на стартот на сезоната, па Стоилов ќе се обиде да помогне.
Десниот бек Давид Иванов заработи повреда на рамото, односно има дислокација, па проблемот ќе биде решаван со физикална терапија. Левиот бек Стојанчо Наумовски исто така е повреден од стартот на сезоната, додека проблеми со повреда на зглобот има и бекот Леон Котев.
Стоилов долги години беше репрезентативец на Македонија, освен за Младост настапуваше и за Вардар, Металург, романскиот Одорхеи, хрватскиот Загреб, како и Пролет, Работнички и Прилеп.