Машката сениорска репрезентација на Македонија се наоѓа на подготовки во Маврово, каде ја одработува првата фаза пред настапот на ЕП.
Средниот бек Марко Митев, веќе дебитираше за сениорите на пријателските натпревари со Египет, но сега има шанса да се најде и на големо натпреварување.
„Огромна чест и гордост е да се биде дел од најдоброто од ракометна Македонија. Сметам дека тоа го посакува и кон тоа се стреми секој кој решил да му се посвети на ракометот. Да се биде дел од националниот тим и да се бранат боите на Македонија е исклучителна гордост и сон на секој спортист. Тоа што сум сега овде на 18 години ме прави да бидам не само горд Македонец, туку претставува и мотив плус за уште повеќе да работам на себе, да учам од поискусните и секако да дадам се од себе да одговорам на задачите најдобро што можам. На овие подготовки ја имам токму таа можност. Ние овде сме како едно семејство. Напорно работиме и сите имаме иста цел- успех на нашата ракометна репрезентација. Условите за работа во Маврово се фантастични за што е заслужна нашата федерација“, вели Митев.
Плејмејкерот вели дека ако се најде на финалниот список на патници за ЕП, тоа ќе биде остварување на неговиот сон.
„Ако се најдам на финалниот список на патници за ЕП за мене тоа ќе биде почеток на остварување на мојот животен сон- да го облечам националниот дрес и да ги бранам боите на Македонија на едно вакво првенство. Знам дека тоа воедно е и огромна одговорност, бидејќи да играш за Македонија значи да бидеш подготвен да ги претставиш својата земја и својот народ во најдобро светло, да се бориш за победа на тимот и да оставиш срце на терен“, заврши Митев.
Македонија ќе игра две пријателски средби со Кувајт на 27 и 29 декември во Маврово, додека уште две ќе се играат во Скопје на 3 и 4 јануари во Скопје.