Репрезентативецот на Словенија, Драган Гајиќ повторно прикажува одлични партии во францускиот шампионат. Иако има 37 години, Гајиќ се уште игра во одлична форма. Десното крило на репрезентацијата на Словенија ја игра седмата сезона во Франција. Од 2011 до 2016 година имаше блескави настапи за Монпелје. Неговите квалитетни игри беа препознатливи во претходната, но и во оваа сезона.
Во претходното коло од француското првенство, Лимож и Истр одиграа квалитетен натпревар. На победа се радуваше екипата на Истр која триумфираше со 37:24. На овој натпревар, Гајиќ во дресот на Лимож постигна девет погодоци.
Ефикасната игра на искусниот ракометар од Словенија му овозможи да воспостави извонредно достигнување. Со деветте гола во мрежата на Истр, Гајиќ стана нов рекордер во француската лига бидејќи стигна до бројката од 1000 погодоци, а за остварување на бројката, на терен одигра најмалку натпревари во однос на сите ракометари кои претходно стигнале до бројката од 1000 погодоци.
На Гајиќ му беше потребно да одигра 151 натпревар за да стигне до бројката од 1000 погодоци. Словенецот има и добра статистика, постигна 1000 погодоци од 1365 удари, односно 73,2% реализација. Во просек, тој постигнува 6,62 гола по натпревар во Франција.
До овој момент, 11 ракометари постигнале 1000 голови во француската лига. Дел од нив се прославените ракометари, Микел Хансен од Данска, како и шпанскиот репрезентативец, Валеро Ривера. На Хансен му беше потребно да одигра 170 натпревари во француската лига за да стигне до прославената бројка, додека на Ривера, 157 натпревари.