Машката репрезентација на Македонија ја очекува реванш средбата од бараж двомечот за пласман на СП против Чешка.
На првиот меч во Злин беше 24-24, а средниот бек Филип Миркуловски го очекува реваншот со посебни емоции.
„Тоа ќе биде мојот последен натпревар во репрезентацијата, ќе има доста емоции, но ние сме професионалци. Ќе се обидеме да завршиме со среќен крај, да победиме во недела и да се пласираме на СП. За овој втор натпревар ќе бидеме подобро подготвени, бидејќи немавме гледано натпревари на противникот со новиот селектор, па сега ќе знаеме што точно нè очекува. Одигравме еден добар натпревар во Чешка. Испуштивме седум голови предност, тоа не смееше да ни се случи, но противникот покажа карактер. Знаеме дека се работи за квалитетна репрезентација, знаеме што нè очекува тука во недела и со помош на 7.000 навивачи да обезбедиме пласман на Светско првенство“, вели Миркуловски.
За Македонија ќе биде доволна и минимална победа за пласман на Мундијалот во Полска и Шведска.
„По натпреварот постоеше едно чувство на разочараност, требаше да го добиеме, но сепак мораме побрзо да го заборавиме тоа и во недела да одиграме еден сосема нов дуел. Потребна ни е само победа, што пред два месеци и ќе го прифатевме. Сепак Чешка е квалитетна репрезентација, сигурно е дека нè очекува квалитетна борба. Како што покажаа на првиот натпревар, ќе се борат до последните моменти. Треба да одиграме уште еден добар натпревар со многу концентрација и да го добиеме во одбраната. Не би требало да има многу изненадувања во однос на претходниот натпревар, бидејќи ќе поминат само неколку денови за подготовка. Би требало да биде доста сличен натпревар со цврсти одбрани на двете страни“, заврши Миркуловски.
Натпреварот меѓу Македонија и Чешка се игра в недела во СЦ „Борис Трајковски“ со почеток во 19:00 часот.