Во рамки од 31.коло во Бундес лигата, дел од македонските интернационалци имаа свои настапи, а на победа се радуваше довчерашниот репрезентативец на Македонија, Филип Миркуловски, кој со два постигнати погодоци даде свој придонес во победата на Вецлар против Балинген, со резултат 28:24.
Со освоената победа, тимот на Миркуловски ги задржа шансите за 5 место на табелата, кое носи пласман во квалификациите од Лига на Европа за следната сезона.
Моментално, Вецлар се наоѓа на 6. позиција со 33 бода, ист број на бодови има петтопласираниот Гепинген. Вецлар во последните три кола ќе игра против Лајпциг, Мелсунген и Минден.
Филип Кузмановски и Хановер одигра реми против Минден, 26:26. Домашната екипа на Минден за нијанса беше подобра во првото полувреме, додека екипата на Кузмановски ја диктираше играта во вториот дел, но не успеа во целост да издржи и попушти во самиот финиш. Кузмановски на овој натпревар двапати се запиша во листата на стрелци.
Хановер во последните три кола силите ќе ги одмери со Ерланген, Либек и Лајпциг.