Миркуловски доби наследник, ја предаде капитенската лента во Вецлар

Еден од најголемите борци на теренот и играч кој остави огромна трага во играта на репрезентацијата на Македонија, Филип Миркуловски во новата сезона ќе има улога на помошен тренер во Вецлар, но ќе биде секогаш подготвен и да помогне на теренот доколку првиот тренер заклучи дека има потреба од неговите услуги.

Во последните две години, Миркуловски беше со капитенската лента во тимот на Вецлар, а добивањето на нова улога значеше дека тимот ќе има нов предводник меѓу играчите.

Веќе е избран наследникот на Миркуловски, а тоа е Норвежанецот Кристијан Бјорнсен. Се работи за ракометар кој има 31 година и кој беше капитен на Норвешка на Европското првенство во јануари каде што дојде до бронзенот медал.

Новата сезона во Бундес лигата стартува денеска, а тимот на Вецлар својот прв натпревар ќе го има против составот на Флензбург. Овој дуел се игра в недела од 16 часот. Вецлар е домаќин на средбата.