Милош Вујовиќ за 24 Ракомет: Конечно дојде нашето време и нема да го пропуштиме

Црна Гора е вистински хит на Европското првенство, после пласманот во главната фаза, Црногорците успеаја да ја совладаат и селекцијата на Хрватска во првото коло од групата 1.

Левото крило на Црна Гора, Милош Вујовиќ не го криеше задоволството од прикажаното на досегашниот дел од турнирот и најави уште пожестока борба и испишување на историја со својата репрезентација.

„Среќен сум што од почетокот игравме добро, прво со Македонија беше доста тешко и тие исто така покажаа карактер до самиот крај, но пресуди тимскиот дух и големата борбеност. На следниот натпревар покажавме дека победата не беше резултат на среќа, туку дека навистина вредиме. Тоа ни даде голем мотив и ветар во грбот да продолжиме исто така и против Хрватска покажавме дека играме добар и брз ракомет. Сметам дека сме на вистинскиот пат и дека ова нема да биде последна победа, се надевам дека ќе продолжиме во добар ритам и ќе играме сè подобро“, реле Вујовиќ.

Тој за 24 Ракомет сподели некои детали од подготовките на Црна Гора пред првенството.

„Имавме многу проблеми, имавме само еден тренинг сите заедно, а потоа моравме да тренираме во групи. Некој тренираше во теретана, некој на теренот но тоа одеше само на подобро и се трудевме да се сочуваме колку што можеме. Немавме дури ниту контакт со најблиските, бевме изолирани и на крај тоа се исплатеше.  И Хрватска имаше многу проблеми, но и овие играчи кои играа се врвни. Мислам дека пресуди тимската игра и карактерот на Црна Гора, конечно дојде нашето време и мислам дека нема да го пропуштиме, се надевам дека ќе продолжиме вака да играме“, продолжи левиот бек.

И покрај тоа што ги очекуваат тешки натпревари против големи фаворити Црногорците најавуваат голема борба на секој натпревар.

„Ни доаѓаат тешки натпревари против репрезентации кои се во полн состав. Ни се приклучија три играчи кои се многу важни за нас. Одработевме еден тренинг со нив, момците се доста свежи но не можевме да ги искористиме против Хрватска. Комплетни сме, никого не респектираме премногу, ќе играме максимално против сите и се надевам на добар резултат. Во овој момент испишуваме историја за Црна Гора и се надевам на врвен резултат на кој ќе бидат годри сите“ заврши Вујовиќ.

Следниот натпревар Црна Гора го игра во сабота против селекцијата на Холандија со почеток во 15:30 часот.