Фуксе Берлин се пласираше на завршниот турнир во Лигата на Европа откако ја надмина негативата од првиот меч со швајцарскиот Кадетен Шафхаузен и славеше со 30-24.
Сепак, натпреварот го одбележаа две повреди на ракометарите на Кадетен, поради што и двајцата завршија во болница.
Во двете ситуации беше инволвиран некогашниот голман на Вардар, Дејан Милосављев, кој и самиот се повреди и заработи црвен картон.
Најпрво во неконтролиран пад по судирот, тој се струполи врз Лукас Хербургер со целата тежина. Само неколку минути подоцна имаше нов судир, овојпат со Зоран Марковиќ, кој од контранапад скокна длабоко во неговиот простор.
Марковиќ падна многу незгодно и остана да лежи неподвижен. Во тој судир Милосављев го повреди и стапалото, а судиите му покажаа црвен картон.
„Никогаш не сум го доживеал ова. Моравме да однесеме двајца играчи во болница по натпреварот“, изјави Давид Граубнер, спортски директор на Кадетен.
Кадетен имаше убава залиха од првиот меч, но не успеа да издржи во Берлин и Фуксе патува на завршниот турнир.