Милиќ: Учев од Лазаров, со доаѓањето во Загреб правам голем чекор напред

Хрватскиот вицешампион Загреб за новата сезона се засили и со повремениот репрезентативец на Србија, Милан Милиќ, кој во редовите на „плинарите“ ќе пристигне од француски Нант.

Младиот ракометар настапува на позицијата десен бек и се очекува да биде еден од носителите на играта во тимот, кој е предводен од екс селекторот на машката сениорска репрезентација на Македонија, Ивица Обрван.

Милиќ за клупската страна на неговиот нов клуб истакна дека во францускиот тим најмногу научил од Кире Лазаров и бил горд за времето кое што го минал во еден од најдобрите француски клубови.

,,Мојот прв клуб беше Металопластика. Таму минав три сезони и со клубот учествував во СЕХА лигата, каде што бев втор стрелец во групната фаза на натпреварувањето. Од Металопластика направив трансфер во француски Нант, во овој клуб играв две сезони и во тој период го освоив националниот куп на Франција и учествував на Ф4 турнирот од Лигата на шампионите во Келн. Среќен сум и горд на периодот што го минав и во Металопластика и во Нант. Имав можност да учам и да работам со великани како Кире Лазаров и тоа многу влијаеше на мојата игра и психолошки развој. Со доаѓањето во Загреб мислам дека направив уште еден голем чекор во мојата кариера. Мислам дека ваков клуб, кој има одлични играчи и одличен стручен штаб, е вистинското место за мој напредок”, изјави Милиќ.

Новиот ракометар во Загреб со репрезентацијата на Србија настапи на Мундијалот во 2019 година. Иако имаше мала минутажа во Нант, сепак, доби шанса за настап на Медитеранските игри, кои ќе се одржуваат во периодот од 25 јуни до 6 јули во алжирскиот град Оран.