После репрезентативната пауза и обврските во Купот, викендов продолжуваат натпреварите од плеј-офот во Супер лигата.
Екипата на Охрид во 5. коло гостува во Скопје кај тимот на Пролет. Своите очекувања пред дуелот ги сподели голманот на охриѓани, Александар Миленковиќ.
„Пролет е екипа во која има доста млади играчи, потпомогнати од неколку искусни ракометари. Станува збор за квалитетна екипа како и сите останати во плеј-офот. Ние после неколку натпревари во кои бевме поразени, во кои ни фалеа неколку ракометари, конечно ќе настапиме во комплетен состав и како што влегуваме во секој дуел, така и на овој ќе одиме на победа и се надевам на освојување на трите бода. Победата на овој натпревар за нас е многу важна, ова е можеби еден од најважните натпревари во сезоната. Во нападот како што гледате немаме проблеми со давање голови. Имавме неколку натпревари каде што одбраната не функционираше добро, така да ако изиграме добра одбрана можеме до победа и три бода“, изјави Миленковиќ.
Охрид моментално е на седмата позиција на табелата, со една победа и три порази, додека Пролет е последнопласиран со четири порази и само два бода кои ги пренесе од регуларниот дел.
Овие два тима досега во Супер лигата се сретнале 18 пати и поуспешен е Охрид со 9 победи, наспроти Пролет кој славел 8 пати, а еден дуел завршил нерешено.
Натпреварот меѓу Пролет и Охрид се игра во недела, 26 март, во салата „Македонско сонце“ со почеток во 16:30 часот.