Данскиот Алборг денеска објави соопштение за Микел Хансен кое предизвика внимание во тамошната јавност.
Од Алборг информираат дека данскиот репрезентативец е болен и има симптоми на стрес, па затоа ќе биде на пауза од ракометот на неодредено време.
Тој не настапи на првиот натпревар за клубот по враќањето од Мундијалот против ГОГ Гудме, а сега не е познато кога ќе се врати на терените.
„Оваа ситуација доаѓа како реакција на стрес по тешката година за Микел – згрутчување на крвта во пролетта 2022 година, преселба дома со семејството во Данска по 10 успешни години во странство, како и огромен напор и фокус на преминот во Алборг, а потоа и СП во јануари. По враќањето дома од финалето на СП, се покажа дека ‘чашата е преполна’, па заедно го направивме единствениот правилен избор, каде фокусот е целосно на Микел да ги добие потребното време и професионална поддршка за закрепнување. Со нетрпение го очекуваме враќањето на Микел, но во моментов најважно е тој да се грижи за себе и за своето семејство“, нагласи Јан Ларсен, директорот на Алборг.
Конкретни информации за неговата состојба нема, но од Алборг ги замолија и данските медиуми да ја почитуваат неговата желба и да не го контактираат.
Алборг го очекува предизвик во Лигата на шампионите и натпревар на домашен терен против унгарскиот првак ПИК Сегед.