Мешков и „мечките“ сигурни, ЦСКА со Шишкарев и Киселев блиску до четвртфинале во СЕХА

Екипите на Мешков Брест и Чеховски Медведи се единствените тимови кои во досегашниот тек од сезоната во СЕХА лигата од дивизијата „Исток“ немаат загубено натпревар и практично го обезбедија местото во четвртфиналето од ова натпреварување, кога најдобрите од оваа дивизија ќе вкрстат со најдобрите од дивизија „Југ“ каде што ќе играат Вардар, Еурофарм Пелистер, Веспрем, Загреб…

Чеховски Медведи во натпревар од 4. коло од групата А славеше против белорускиот Гомел со седум гола разлика, 33:26. Во споменатата група, вториот руски претставник, тимот на Пермски Медведи без многу проблеми триумфираше против СКА Минск со 35:30.

Тимот на Чеховски Медведи е лидер во групата А, моментално на свое конто има осум бодови, додека Пермски Медведи со четири бода е позициониран на 2. позиција. Бод помалку од Пермски Медведи има СКА Минск, додека Гомел со само еден освоен бод се наоѓа на последното место.

Мешков Брест во групата Б потешко од очекуваното дојде до победа против тимот на Машека. Белорускиот шампион триумфираше со 27:25, а победникот беше одлучен во финишот од дуелот. Конкурентот на Мешков Брест за првата позиција во групата Б, екипата на ЦСКА Москва го надигра Зенит со 29:27. ЦСКА Москва беше предводена од екс ракометарите на Вардар, Димитриј Киселев и Данил Шишкарев, кои имаа по пет реализации.

Мешков Брест е лидер во групата Б со осум бода, потоа следува ЦСКА Москва со пет бода, Зенит има три, додека Машека е без бодови.