Белорускиот првак Мешков Брест донесе уште едно засилување пред стартот на новата сезона во која ќе игра само во домашниот шампионат и во СЕХА лигата.
Станува збор за белорускиот десен бек, Николај Алјохин, кој доаѓа од големиот ривал СКА Минск. Тој требаше да се пресели во Мотор Запорожје, но поради актуелната ситуација мораше да бара друга средина.
24-годишниот десен бек има настапи за Белорусија на последните три ЕП и СП во Египет, а за шест сезони во СКА Минск на 211 натпревари даде 780 погодоци.
Прв сериозен предизвик за реновираниот состав на белорускиот првак ќе биде четвртфиналето од регионалната СЕХА лига против Еурофарм Пелистер во Битола.
Мешков Брест е значително ослабен во однос на минатата сезона откако заминаа Бонфон, Пешиќ, Мацкевич, Скубе, Кашпарек, Малус, Вајлупов, Салдаценка, Врањеш, Санталов…но беа донесени неколку ракометари. Од староседелците тука се Јуринок, Баранов, Шумак и Селвасјук, а на линијата им се приклучи вардарецот Павел Андреев.
Иако ослабен, сепак Мешков Брест воопшто не треба да биде потценет и битолчани не смеат да помислат дека ќе имаат лесна задача за пласман на завршниот турнир во Задар.