Екипата на Мешков Брест која е противник на Вардар во групната фаза од Лигата на шампионите потпиша нов договор со еден од поискусните ракометари во тимот, десното крило Максим Баранов.
Тој ќе остане дел од екипата до крајот на сезоната 2023/24. Со оглед на тоа што во тимот е уште од 2010 година за очекување е да биде дел од клубот и подолго од ова.
„Баранов е еден од ветераните во клкубот. Неговото деби беше во август во 2010 година и оттогаш имаше само година и пол во која не беше дел од тимот. Од летото во 2016 до февруари 2018 беше играч на Одорхеи од Романија. Другите девет и пол години тој го носи дресот на Мешков Брест и е верен. Одигра 406 натпревари досега и постигна 1347 гола. Седумпати стана шампион на Белорусија, а освои и шест титули во Купот на Белорусија. Има и два сребрени медали од СЕХА лигата“, стои во соопштението од клубот.
Со заминувањето на Вајлупот, Баранов ќе биде прв избор на позицијата десно крило и затоа од Мешков Брест не сакаа да ризикуваат да останат и без него и го договорија уште сега.