Најмалку уште три нови засилувања планира Металург за следната сезона, а вкупниот број на ракометари под договор ќе зависи од тоа дали клубот ќе игра во групната фаза од Лига Европа или во квалифкациите. Досега двајца интернационалци се договорени, Момир Рниќ и Бранко Канкараш.
Тренерот Зоран Кастратовиќ останува и оваа сезона во Автокоманда, и планираните засилувања на број и со квалитет ќе зависат од тоа дали Металург ќе игра во групната фаза од Лига Европа или во квалифкациите.
„Прво би сакал да го задржиме Велко Марковски. Тој ни е важен играч во одбрана. Потоа бараме уште некои играчи што би играле на позициите 2 и 3 во одбрана. Ни треба еден квалитетен среден бек. Колку играчи ќе бараме и ќе ангажираме зависи од нашите ангажмани на европска сцена, вели Кастратовиќ.
Со некои играчи на кои сега им истекуваат договорите се преговара за нивно останување, а Кастратовиќ одбрал кои играчи ги гледа во својот ростер в година. Сите детали треба да ги заврши управата на клубот. Тимот од Автокоманда сака да го врати и Гоце Георгиевски кој игра во Романија. Има конкретна понуда со договор и период за размислување.
УО на РФМ треба да донесе одлука кои екипи ќе идат пријавени за играње во европските купови. Ако е повеќе од сигурно дека Вардар ќе игра во ЛШ, сигурно се знае и дека Еурофарм Пелистер и Металург ќе играат во Лига Европа. Но, едниот ќе игра директно во групната фаза, а другиот во квалификации.
„Ако играме само домашно првенство и квалификации тогаш ќе имаме приближно ист број на играчи како и сезонава, околу 19. Играње во групна фаза ќе значи и барање на поискусни и поквалитетни. Но ја чекаме одлуката на РФМ. Потребно е да знаеме и кога се планира почетокот на следното првенство. Така ќе можеме да направиме план. Би сакал да почнеме порано со подготовките за да бидеме спремни, вели Кастратовиќ.
Дел од играчите ќе бидат префрлени од сегашниот Металург 2, и планирано е да има најмалку двајца кадетски играчи што ќе тренираат со првиот тим. Сезонава Металург беше на прво место во регуларниот дел од сезоната каде ги немаше Вардар и Еурофарм Пелистер.