Поранешниот српски репрезентативец Момир Рниќ следната сезона ќе ја помине во Македонија откако Металург го обезбеди потписот на искусниот 32 годишен ракометар.
Поранешниот српски репрезентативец има богата кариера зад себе. Ракометниот пат го започна во родниот Зрењанин во тимот на Пролетер од каде заминува за Словенија, во Велење и Целје. Неговиот квалитет го препознаа и бундеслигашите Гепинген и Мелсунген, а последната сериозна сезона во својата кариера ја одигра во дресот на Рајн Некар Ловен. Токму во Рајн Некар, Рниќ заработи серозна повреда на стопалото, по која од 2018 година не се врати на врвно ниво и затоа се одлучи да му помогне на матичниот клуб Пролетер, кој настапуваше во втората по ранг српска лига (Прва српска лига – Север), а оваа сезона играше и во елитната Суперлига на Србија.
Рниќ игра на позиција лев бек, висок е 1.92 см и беше член на селекцијата на Србија која го освои сребрениот медал на Европското првенство 2012. Македонската публика ова лето имаше можност да го види во Струга на интернационалниот струшки турнир со екипата на Пролетер.
Со овој потпис Металург го најави првото интернационално засилување за наредната сезона. Управата на клубот ги продолжи договорите со домашните: голманот Дупјачанец и пивотот Лазаревски, а како што информираа од клубот во екипата активни договори имаат и Мартин Серафимов, Иракли Кбилашвили, Маријан Мариќ, Даниел Ѓорѓески, Лука Вујовиќ, Дарко Кондев, Стефан Додиќ и Михајло Младеновиќ.
Иако најдоброто од Рниќ е одамна завршено, искуството и квалитетот сигурно ќе бидат убава увертира за престојниот бран засилувања во Автокоманда. Тимот по низа години поминати во финансиски проблеми, најавува подобри денови, а доколку сака да врати барем мал дел од стариот сјај мора да обезбеди сериозни имиња во својот состав.