Тимот на Металург ги стартуваше подготовките за пролетниот дел од сезоната во Суперлигата и ќе се обиде да се избори за место во плеј-офот.
Без досегашниот тренер Иван Марковски, кој си замина од клубот, како и без странците што играа во есенскиот дел, Металург започна со тренинзи.
Со екипата ќе работи Миле Бочкаровски, а за физичката подготвеност ќе се грижи Златко Јанакиевски, кој работеше и со Марковски.
На првиот тренинг беше присутен и Али Кобеиси, либански интернационалец кој играше за Радовиш и за Скопје.
Од клубот информираат дека пред крај се преговорите со новиот тренер, а ќе има и нови ракометари. Покрај неколку кои имаат корона, на првиот тренинг не се појави ниту репрезентативецот Костадин Петров.
Иако заостанува зад директните ривали, сепак тимот од Автокоманда има шанси за место во разигрувањето за титулата.