Металург реши голем проблем – најде тренер!

Паралелно со тренерското прашање, Металург е во потрага по засилувања за тимот кои треба да ги пополнат испразнетите места и да го зголемат ростерот.

Тимот на Металург во најскоро време би можел да добие нов тренер што ќе го наследи Иван Марковски, кој си замина од Автокоманда пред неполн месец. Големите финансиски проблеми и понатаму се проблем, но се гледа светло на крајот од тунелот. Се очекува заедно со новиот тренер да дојдат и неколкумина играчи, а се „кандисуваат“ и старите да останат.

Според информациите на 24Ракомет, легендарниот македонски репрезентативец Игор Котевски е блиску до враќање во друштвото на Металург, односно во матичната Автокоманда, откако претходно го водеше составот на Металург РА.

Паралелно со тренерското прашање, Металург е во потрага по засилувања за тимот кои треба да ги пополнат испразнетите места и да го зголемат ростерот. Нашите информации велат дека е можен трансфер на повеќе ракометари од прволигашот Јуниор Кисела Вода, каде што сега е тренер Игор Котевски.

Котевски претходно ги водеше и Бутел Скопје, младинската екипа на Пролет, како и Голден Арт. Со сите екипи имаше успех. Беше блиску и до седнување на клупата на првиот тим на Металург, но по заминувањето на Дамир Стојановиќ своевремено, тој како тренер на вториот тим требаше да ја преземе екипата, но тоа не се случи.

На првиот тренинг на Металург пред стартот на пролетниот дел од сезоната се појавија и Андреј Митиќ и Александар Петковски, кои преку РФМ побараа раскин на договорите, но се уште тренираат во Автокоманда. Со нив се разговара за останување. Парите се уште се голем проблем за тимот од Автокоманда, има многу долгови, листа на ракометари и тренери што го тужат клубот, а засега има само најави за помош.

Претходно од Металург заминаа сите странци – браќата Њокас, Мане, Рибеиро, Озтурк, Хорват, а пикерот Лазаревски реши својата среќа да ја побара во Словенија и ќе настапува за Тримо Требње. Тренерот Иван Марковски исто така го раскина договорот поради неиспочитуван финансиски договор.

Тимот од Автокоманда е на осмото место на табелата, со 21 бод, четири помалку од Охрид, Тиквеш и Пролет кои се борат за едно место што води во плејофот. Од регуларниот дел на сезоната остануваат уште шест кола, а потоа се разигрува за титула и за  опстанок