Металург РА победнички ја започна новата сезона

Екипата на Металург РА со победа ја стартуваше новата натпреварувачка сезона во Првата лига, откако на гостувањето во Гевгелија кај тимот на Партизан оствари убедлива победа, со резултат 34:27 (13:12), во натпревар од групата Б. Составот на Партизан издржа само едно полувреме, додека Металург РА со подобрата игра во вториот дел успеа да дојде до убедливата победа.

Ракометарите на Партизан со двата погодоци на Минов го отворија натпреварот со водство од 2:0. Гостите од Автокоманда по пет минути игра направија пресврт и со три гола во низа поведоа со 3:2. Избраниците на Миле Бочкаровски од тој момент, па се до крајот на првото полувреме најчесто одржуваа резултатска позитива од еден-два гола разлика.

Иако Металург РА во неколку наврати имаше и три гола разлика, водеше со 10:7 и 13:10, сепак, екипата на Партизан со двата погодоци на новото засилување, десниот бек Димитар Минов успеа да намали на 13:12 и да замине со еден гол негатива на полувреме.

Гостите и во вториот дел постојано беа во водство, а домашната екипа никако не можеше да направи камбек. Во таборот на Металург РА се разигра и Кобеиси па така составот на Бочкаровски се одлепи на четири гола разлика, 20:16.

Домаќините во последниот период од натпреварот капитулираа и му овозможуваа на гостинскиот состав од минута во минута да ја зголемува својата резултатска предност. Металург РА ја зголеми предноста на 27:19 и рутински ја одработи својата задача. До крајот немаше поголема промена на резултатот.

Најефикасни во победничката екипа беа Виктор Крстевски со десет и Али Кобеиси со осум погодоци. Во поразениот табор се истакнаа Димитар Минов со седум и Александар Башков со пет гола.