Ракометарите на Металург РА во натпревар од 8. коло од плеј-аут фазата во Првата лига немаа поголеми проблеми да стигнат до победа против десеткуваниот тим на Борец од Велес, триумфираа со убедлив резултат од 41:29, со што се зацврстија на првото место на табелата со 34 бода, пред Астраион кој има 30 бода и натпревар помалку.
Екипата од Велес даде отпор само во првите 20 минути кога резултатски сѐ одржуваше во игра, иако, ниту еднаш не успеа да дојде до израмнување на резултатот. Домаќините, отпорот на гостите го скршија во завршниот дел од првото полувреме и на пауза заминаа со убедлива предност од шест гола разлика, 20:14.
Металург РА во второто полувреме драстично ја зголеми својата предност, а ракометарите на Игор Тодоровски поради заморот веќе немаа сили да направат нешто повеќе. Поради убедливиот резултат во вториот дел, шанса на теренот имаа речиси сите играчи од двете екипи.
Најефикасен во победничката екипа беше Дамјан Наумовски со осум погодоци, додека Филип Фидановски и Дамјан Субашевски постигнаа по седум гола. Во составот на Борец прв стрелец беше Димитар Минов со десет погодоци во мрежата на домаќинот.