Металург преку Чаир до борба за трофеј

Тимот на Металург обезбеди место во финалето на завршниот турнир од женската младинска лига, откако славеше против Чаир со 35:31 во вториот полуфинален натпревар во Куманово.

Чаирчанки имаа посакуван старт искористувајќи ги првите два напади за водство од 0:2. Ракометарките од Автокоманда тешко доаѓаа во позиција за погодок и му дозволија на противникот по пет минути игра да се одлепи на позитива од плус три, 1:4. Металург некако успеа да се консолидира, заигра поквалитетно во нападите и со серија од 3:0 го изедначи резултатот на 5:5.

Во следниот период се играше во егал, и двете екипи имаа свои моменти, во кои ниту една од нив не успеа да се одлепи на поголема предност од два гола. На полувреме резултатот гласеше 19:20 во корист за Чаир.

Чаир на стартот на вториот дел успеа да стигне до 21:23, но по многу промашени напади на двете страни, Металург направи комплетен пресврт и поведе со 24:23. По израмнувањето 24:24, Чаир како да застана, направи неколку технички грешки во серија, а тоа беше казнето на спротивната страна и избраничките на Мери Арсениевска стигнаа до водство, 28:24 на десетина минути до крајот.

Кога Металург поведе и со 30:25, веќе беше јасно дека нема да има многу време за Чаир да се врати во игра и да направи пресврт. До крајот тимот од Автокоманда само рутински ја задржа предноста за конечни 35:31.

Во финалето Металург ќе се соочи со Куманово од 20:00 часот, додека во мечот за трето место ќе играат Вардар  Чаир од 17:30 часот.

ДРАМА на Ф4: Џамкиќ со проектил по истекот на времето го однесе Куманово во борба за трофеј!