Металург остана и без Хорват за дуелите со Висла Плоцк

Екипата на Металург вечерва во 22 часот заминува на пат за Полска, а за разлика од средбата против Чеховски медведи на средбите против Висла Плоцк од Групата А од Лигата на Европа ќе го нема и најискусниот во составот, Златко Хорват.

Тој е третиот ракометар во моментов кој поради позитивен тест на Ковид 19 не е во можност да биде дел од тимот бидејќи претходно уште пред гостувањето во Русија позитивни беа и Милан Лазаревски и Марко Тарабокија.

Поради повреда во моментов не е во можност да настапи ниту Мице Шилегов, како и Теодор Тодевски така што составот на Металург одново ќе биде некомплетен и ќе биде тешко да се издржи двомечот против Висла.

Натпреварите се предвидени да бидат одиграни в недела до 20:45 часот и во вторник од 18:45 часот, а сосема јасно е дека екипата на Висла Плоцк е голем фаворит за победа на оваа двојна пресметка против Металург.

Во моментов тимот на Висла Плоцк е на првото место во Групата А и има пет победи од пет одиграни средби, додека Металург од четири одиграни натпревари има само еден поен од ремито против Фиверс во Скопје.