Со натпреварот меѓу екипите на Пелистер и Металург стартуваше 4. коло од плеј-оф фазата во Женската лига, а бодовите од Битола ги освои Металург, триумфираше со девет гола разлика, 29:20.
Избраничките на Јулијана Дамчевска имаа големи проблеми во првото полувреме и никако не можеа да го скршат отпорот на домаќинот, кој во првите 30. минути беше предводен од Јанкуловска и Наумовска. Иако, гостинките од Автокоманда добро го стартуваа натпреварот, младите ракометарки на Пелистер во еден момент стигнаа и до водство од 8:7, откако претходно беше 7:7.
До крајот на првото полувреме се играше гол за гол. При крајот на првото полувреме Металург се одлепи на плус два, 12:10, но домашниот состав со два гола во низа повторно дојде до изедначување на резултатот, 12:12. Металург со голот на Божиноска во последните секунди успеа да замине со минимална предност од 13:12 на полувреме.
Гостинската екипа за само неколку минути игра во второто полувреме поведе со три гола разлика, 16:13. Екипата на Пелистер сѐ уште беше во игра и со погодоците на Јанкуловска и Наумовска намали на минус еден, 16:15.
Во следниот период Металург заигра поангажирано во нападот, направи серија од 3:0 за солидно водство од 19:15 и до самиот крај одржуваше резултатска позитива. Домаќинките немаа повеќе сила да им парираат на поискусните ракометарки од Автокоманда, кои со освоената победа остануваат во игра за титулата.
Најефикасна на натпреварот беше ракометарката од Металург, Ива Божиноска со десет постигнати погодоци. Во Пелистер се истакнаа Марија Јанкуловска со седум и Кристина Наумовска со пет погодоци.