Екипата на Пролет си заминува од Автокоманда со три бода откако денеска дојде до победа од 24:22 во натпревар во кој Металург иако имаше десеткуван тим се бореше 59 минути. Ракометарите на Пролет успеаја да стигнат до бодови благодарение на подобриот финиш кога стигнаа до предност за победа и бодови на овој дуел од стартот на сезоната.
Металург на оваа средба влезе со само десет ракометари од кои тројца беа голмани, а тројца пивоти. Од почетокот на средбата се виде дека ова ќе биде неизвесен дуел иако домашните немаа комплетен ростер и беа без класично лево крило и класичен десен бек. На сето тоа Велко Маркоски играше лев бек во напад, позиција на која нема константен настап уште од јуниорски денови.
Сето тоа не беше проблем за да се игра неизвесен натпревар во кој решаваа нијанси. Од почетокот тимот на Пролет беше во предност, но постојано беше неизвесно. Разликата гол или два, а тоа носеше интересно продолжение на натпреварот. Во финишот од првиот дел Металург дури стигна и до водство од 12:11, но на одмор беше 12:13.
Вториот дел продолжи во ист стил. Пролет контролираше, а проблем за Металург беа исклучувањата. Во моментите кога Хорват беше исклучен тимот на Пролет искористи за да дојде до два гола предност и потоа до крајот да го контролира резултатот. Во последните моменти од средбата се дојде и до плус три.
На минута до крај Пролет имаше 24:21, а тоа водеше кон бодови на овој натпревар. Металург постигна гол за да ја ублажи негативата, но со 22:24 стартуваше со пораз, па сосема извесно е дека со ваков состав ќе биде тешко и мора да се работи на добивање дозвола за дел од странците кои се ангажирани за да се биде конкурентен во трката по место во плеј-офот.