После 30 минути игра екипата на Металург има предност од еден гол против Криенс од 14:13. Во тврда игра во која и двете екипи се обидуваа да дојдат до гол повеќе и многу лесно казнуваа составот на Металург беше за нијанса подобар и на тој начин оди на пауза со минимална позитива.
Од стартот на средбата се влезе во борба за секоја топка. Се виде дека ќе има неизвесност со оглед на тоа што и двете екипи влегоа мотивирано за победа. На почеток Металург казнуваше со проигрување на шест метри, но и противникот лесно успеваше да си обезбеди простор за гол.
Металург поведе уште во првиот напад преку Тарабокија. Сепак, брзо гостите свртеа во своја корист со 2:1, на што следуваше реакција од Канкараш и Серафимов за 3:2 за Металург. Овој гол предност се чуваше во продолжение. Откако гостите израмнија на 3:3, Тарабокија наметна своја игра во која противникот не можеше да најде решение. Многу лесно доаѓаше до простор за шут што му отвораше и шанса за да дојде до лесни погодоци.
Во 8. минута, Металург поведе со 5:3 и ова беше првпат еден тим да има предност од два гола. Овие два погодока се одржуваа и во следните неколку минути, но некаде на средината на полувремето одново дојде до израмнување на 8:8.
После 20 минути игра, Кастратовиќ се одлучи да смени цела бековска линија. Место Рниќ-Тарабокија-Серафимов во игра се најдоа Мариќ-Додиќ-Потиќ, но немаше реакција во однос на резултатот бидејќи и понатаму остана неизвесноста.
Она што го правеше Тарабокија на почеток, во продолжение беше дело на Хорват кој влезе во серија. Тој заврши со четири гола за разлика од Тарабокија кој после првото полувреме има пет. Два гола постигна Серафимов, а по еден имаа Канкараш, Поповиќ и Мариќ. Во Криенс најефикасен е Ванер со четири гола.