Ракометарите на Металург со реми против Адемар Леон, 27-27, се простија од европските настапи оваа сезона. Иако избраниците на Оливер Димитриоски заслужија триумф според прикажаното, сепак на крајот освоија само бод, кој не менува ништо на табелата.
Металурзите отворија со водство од 5-2, имаа неколку шанси и да ја зголемата разликата во своја корист, но не погодуваа бидејќи Славиќ бранеше одлично. Како одминуваше времето така Адемар Леон се враќаше во игра и израмни на 5-5.
Во продолжение се играше најчесто гол за гол, но во финишот на полувремето предводени од искусниот Дупјачанец на голот и Калуѓеровиќ во нападот, домашните си ја вратија предноста од плус три, 15-12.
Хорват имаше шанса од пенал да донесе и поголема залиха на истекот на првите триесетина минути, но Славиќ одбрани и на полувреме се замина со 16-13 за тимот од Автокоманда.
Металург – Адемар (Лига на Европа)
Во вториот дел беше 19-16, Адемар Леон се врати на минус еден 19-18 и во прдолжение предноста за металурзи беше еден или два гола разлика. Така беше се до 53. минута кога шпанскиот состав израмни на 24-24.
По две грешки во нападот, крилата на Адемар – Кариљо и Перез, погодија за највисока предност на гостите, 24-26. Хорват намали на минус еден, Металург имаше шанса за реми, но Додиќ погреши и гостите казнија за 25-27 на две минути до крајот.
Серафимов намали на 26-27 на триесетина секунди, гостите згрешија и имаше уште десет секунди за напад. Добро изработена акција и Калуѓеровиќ погоди во мрежата на Адемар Леон за заслужен бод на простувањето од Лигата на Европа, 27-27.