Екипата на Металург на незгодното гостување во Чаир против истоимената екипа оствари важна победа, со резултат 28:29, во натпревар од 10. коло во плеј-оф фазата од Женската лига.
Избраничките на Јулијана Дамчевска со новите освоени бодови остануваат на 4. позиција на табелата пред Чаир, но ги задржаа шансите за повисок пласман бидејќи заостануваат само еден бод помалку од третопласираниот Вардар. За потсетување, првата пресметка во Автокоманда заврши со убедлива победа за Металург од 31:24.
Воведниот дел од натпреварот започна со брза игра на двете страни и по неколку неискористени напади, домаќинките преку Ѓеоргиевска поведоа со 1:0. Во следниот период имаше резултатски баланс на натпреварот, се играше гол за гол и најчесто резултатот беше нерешен, иако во одредени моменти екипата на Металург имаше минимална предност од еден гол разлика. Чаир го презеде водството во 12. минута кога Ѓеоргиевска со својот четврти гол му донесе водство на својот тим од 7:6.
По дваесетина минути игра, головите беа рамномерно распоредени, и двете екипи на свое конто имаа запишано по десет гола. Во брзиот пренос во обидите за контра, Металург сѐ почесто грешеше и поради тоа не можеше да се одлепи на поголема разлика од еден гол. Во завршниот дел од првото полувреме кога најпотребна беше концентрацијата ниту една од двете екипи не успеа да направи исчекор. По 30 минути игра резултатот беше нерешен, 13:13.
За пет минути игра во второто полувреме беа постигнати три брзи гола од двата табора, па така во 35. минута беше израмнето, 16:16. Илјаз продолжи со солидната партија меѓу стативите, додека нејзините соиграчки, Младеновска и Божиноска, му донесоа плус три гола предност на својот тим, 16:19. Металург продолжи да ја гради својата предност и до крајот на натпреварот беше во позитива од два до три гола предност.
Домаќинките во последната минута дојдоа до минус еден негатива, 27:28, а Божиноска со гол од девет метри ги сруши надежите на домашниот состав за евентуално реми. Пресудно за победата на Металург беше цврстата одбрана во вториот дел, по која се отвораше можност за контри и полуконтри.
Главната бековска тројка во Металург, Божиноска, Младеновска и Арсениевска, ја предводеа листата на стрелци во победничката екипа. Божиноска беше стрелец на девет гола, Младеновска постигна шест, додека Арсениевска петпати погоди во противничката мрежа. Одлична меѓу стативите беше Амра Илјаз со 14 интервенции. Кај Чаир се истакнаа Стефанија Ѓеоргиевска и Теодора Гулицоска со по седум гола.