Во средба со две различни полувремиња и многу надигрување екипите на Металург и Фиверс ремизираа со 33:33, па мораа да се задоволат со по еден бод од овој доста интересен натпревар. И двете екипи добија по едно полувреме со по три гола разлика, но и двата состави можат да жалат за победата бидејќи имаа шанси да дојдат до неа.
Од почетокот на натпреварот гостите беа во предност со три гола. Брзо поведоа со 3:0, па Металург мораше постојано да го брка резултатот. Постојано се бараше гол шанса за да се намали негативата, но никако не можеше да се израмни туку противникот лесно успеваше да казни.
Фиверс имаше и плус пет гола што беше највисоката предност. Металург немаше време да постави одбрана во поголемиот дел од примените голови бидејќи реакцијата на гостинскиот состав беше пребрза или после примен гол или после грешка на „металурзите“. Сето ова водеше кон лош резултат така што предноста одеше за гостите.
Мал момент на криза во завршницата од првото полувреме овозможи тимот на Металург да намали и да се врати во игра. Иако беше тешко да се дојде до нешто плус, сепак, мораше да се бара одново приклучок. И покрај тоа што конечно беше најден лек за брзата игра, тоа одново не беше доволно за да може да се намали резултатот туку на одмор се замина со 16:19.
Она што недостигаше од првото полувреме конечно беше прикажано на стартот на вторите 30 минути. Металург брзо успеа да најде начин за да израмни. Во 35. минута резултатот веќе беше 20:20. Серијата продолжи и во 36. минута после 4:0 за Металург, конечно претставникот на Македонија дојде во прво водство на оваа средба од 21:20.
Одбраната се движеше многу подобро и затвораше, дојдоа и одбрани на голманите, па тоа овозможи Металург да го дикрира темпото. Предноста почна да се зголемува откако дојде до подобра идеја во нападот. Хорват, Серафимов и Мариќ реализираа и донесоа и плус три, од 25:22 во 42. минута.
Сепак, не можеше да се издржи овој ритам, па гостите се вратија во средбата и израмнија на 29:29 на девет минути до крајот. На ова следуваше реакција од Металург, па после два изнудени седмерци, Хорват продолжи да го полни голот на Австријците за 31:29.
Металург- Фиверс (Лига на Европа)
Меѓутоа, кога требаше да се одигра мирно и трпеливо да се чека шанса за нов гол, дојде грешка, а Дамбок со десеттиот гол донесе 31:31. Истиот играч донесе и водство односо за Фиверс откако во три шута по ред, двапати беше прецизен, а еднаш Ѓорѓески успеа да му одбрани.
Во последните пет минути ракометарите на Металург очигледно беа жртви на сопственото пеколно темпо наметнато на почетокот на второто полувреме и промашуваа, а на сето тоа беа казнувани, па Австријците стигнаа и до 33:31. Канкараш беше играчот кој донесе израмнување на 33:33, а до крајот гостите не успеаја да реализираат, па средбата финишираше со поделба на пленот.