Металург вторпат убедлив против Овче Поле СУ

По репрезентативната пауза поради настапот на Македонија на Европското првенство 2022, денес продолжија натпреварите во Женската лига, а нова победа оствари екипата на Металург, која на гостувањето во Свети Николе кај Овче Поле Славјански Универзитет триумфираше со 34:20. Првиот меѓусебен дуел во новата сезона меѓу двете екипи, исто така заврши со убедлива победа на Металург од 41:21.

Домаќинот пружи отпор само во воведните пет минути кога во неколку наврати беше во минимална предност. Избраничките на Јулијана Дамчевска од 10 минута наметнаа силно темпо на игра, кое домаќинот не можеше да го следи и веќе во првото полувреме потпиша капитулација.

Разликата меѓу двата тима беше очигледна, тимот од Автокоманда на крилата на Трајковиќ, Младеновска, Арсениевска…билдаше предност од минута во минута за на полувреме истата да изнесува 11 гола разлика, 19:8.

Ракометарките на Овче Поле Славјански Универзитет во второто полувреме потешко доаѓаа во позиција за гол, грешките се зголемуваа и му дозволија на гостинот целосно да доминира на теренот. Металург со добри серии продолжи да ја зголемува предноста, ги казнуваше грешките на домаќинот и на крај дојде до победа, која беше изразена со 14 гола разлика.

Мила Трајковиќ со девет гола беше најефикасна во редовите на победничката екипа, шест постигна Ива Младеновска, додека по пет реализации имаа Марија Гугуљанова и Ива Божиноска. Во поразениот табор, искусната Елена Вучевска беше единствена светла точка со девет погодоци.