Еден од најдобрите странци што дошле во Македонија е левото крило од Црна Гора, Мирко Мајиќ.
По настапите за МАКС Струмица, Радовиш и Бутел Скопје, црногорскиот интернационалец ќе има нов предизвик во кариерата.
Тој потпиша договор на две сезони со Тиквеш и во разговорот за 24Ракомет ги сподели импресиите по трансферот во Кавадарци.
„Ми недостасуваат колегите од Бутел Скопје, со нив поминав пет години и тоа беше најдобриот колектив во мојата кариера, но таков е спортскиот живот. Тешка беше одлуката да се разделам од нив, но мислам дека вистински момент беше да ја променам клупската средина. Можам да кажам само убави работи за Бутел Скопје, ме испочитуваа максимално за се што бевме договорени во тие пет години и сакам да им посакам многу среќа во иднина и се надевам дека ќе растат од сезона во сезона. Што се однесува до мене, промената мораше да се случи, најмногу ме привлекоа амбициите на клубот и останувањето на капитенот Симиќ и секако, разговорот со директорот Мицев, кој беше многу конкретен, директен, разговаравме, дојдовме до заеднички договор за пет минути и навистина сум задоволен овде. Се што побарав добив. Мислам дека оваа сезона Тиквеш ќе биде еден опасен и незгоден конкурент, се тренира одлично и клубот го гледам меѓу најдобрите четири екипи во Македонија. Не сакам сепак да одам толку напред бидејќи не знаеме што ќе биде во текот на сезоната, но мислам дека ќе бидеме меѓу најдобрите“, вели Мајиќ.
Тој е одлично прифатен во клубот, од соиграчите и се чувствува како дома.
„Изненаден сум од гостопримството во клубот, момците одлично ме прифатија. Веројатно после толку години во Македонија, имам стекнато некое име, пред се од човечки аспект, повеќе од човечки отколку од спортски, а тоа е поважно за мене. За секој спортист е важно да се чувствува кога е во странство како дома, а јас тука во Кавадарци се чувствувам како да сум дома и се надевам дека така ќе остане“, продолжи Мајиќ.
Црногорецот посакува само повредите да го заобиколат тимот и верува дека Тиквеш ќе биде еден од конкурентите за врвот во македонското првенство.
„За сезоната е најбитно да не заобиколат повредите, првенствено најважно ни е здравјето, сфатив дека животот е од денес до утре, последните две сезони беа тешки за мене, тоа ме промени мене како човек и многу е специфично во тие години да се промениш, но сепак, животот стварно те променува. Од Тиквеш очекувам борбеност, дојдов овде најмногу и поради публиката, бидејќи ми се допаѓа амбиентот и сигурен сум дека навивачите ќе бидат нашиот осми играч и убеден сум дека со мојата енергија и енергијата на моите соиграчи ќе бидеме еден од конкурентите за врвот во македонската лига“, заврши Мајиќ.
Прв предизвик за левото крило и за неговите соиграчи ќе биде домашниот натпревар против Еурофарм Пелистер 2.