Екс голманот на Струга, Никола Матовиќ, кој беше избран во ол-стар тимот на есенскиот дел од изминатата сезона во македонскиот шампионат, заедно со репрезентацијата на Црна Гора на Европското првенство 2022, кое се одржуваше во Унгарија и Словачка, го остварија најголемиот успех со освојување на 11. позиција на континенталниот собир.
23-годишниот голман не настапи во дресот на Струга во пролетниот дел од изминатата сезона поради повреда, која ја доби за време на Европското првенство.
Во првиот дел од сезоната бранеше во одлично светло, а добрите партии во македонскиот шампионат беа причина да биде повикан во црногорската селекција за настап на Европското првенство 2022.
,,Добрите партии од Македонија ме “препорачаа” во репрезентацијата, а потоа токму националниот дрес е најзаслужен за мојот ангажман во Шведска. Ме чека нешто ново и се надевам дека ќе напредувам и во шведскиот шампионат. Повредата е веќе минато, па очекувам оваа сезона да биде најдобра во мојата кариера”, изјави Матовиќ за „МНЕ Рукомет“.
Во својата кариера, освен за Струга, младиот голман настапуваше и за екипите на Железничар од Ниш и црногорски Ловќен. Во новата сезона ќе настапува во Шведска, поточно во екипата на Амо.