Тренер со селекторско педигре од национални селекции на Македонија е изборот на ГА КЛ7 за шеф на стручниот штаб во следните две години.
Како што најави 24Ракомет, Никола Матлиески, првиот асистент на селекторот на сениорскиот национален тим на последните две големи натпреварувања, ќе го предводи проектот чија политика е создавање и давање шанса на млади македонски ракометари.
„Доаѓам во средина во која се негува работата со млади македонски ракометари, клуб кој инвестира во создавање на услови во кои нашите млади играчи ќе можат правилно да се развиваат и нуди можност истото тоа да го покажат на терен. По природа сум голем работник и максимално сум посветен на ракометот и затоа можам да ветам многу работа, тренинг, посветеност во следните години. Нашата цел не е само првиот тим, каде што клубот има голем играчки потенцијал, туку и создавање на респектабилна база на млади играчи и тренери во младите категории. Благодарност до раководството на ГА КЛ7, кое има визија да работи за доброто на македонскиот ракомет, за довербата која со максимална посветеност во периодот кој следи ќе се трудам да ја оправдам“, изјави Матлиески.
Прв предизвик за стружанецот ќе бидат натпреварите од Првата лига и камбекот на тимот во елитното друштво.