ПРЕСИНГ: „Мастермајндот“ Рибера без решение за Гитсел и Питлик – Фабрегас поместува граници

Во отсуство на Готфридсон, норвешкиот стратег на клупата на „трите круни“ со Лагерген, Клар и Карлсбогард на бековските позиции го стартуваше натпреварот, давајќи му шанса на ракометарот на Барселона (Карлсбогард) пред вонсерискиот Јохансон, со намера Шведска да игра без измени во „два правци“, а првиот заедно со Дарж или Бергендал да биде бедемот на цетралните позиции

Шпанија, „поскапо“ од моите очекувања (ама па на крајот на денот, полуфинале е) ја „продаде кожата“ и не успеа, во стилот на италијанскиот национален тим во фудбал, да се протне во финалето на СП во Полска и Шведска. Домаќинот, без „фундаментот“ Готфридсон на бековските позиции (но и на централните во одбраната) беше за нијанса или можеби две, „полоша“ од Франција и во недела ќе игра за бронза против „фуријата“.

Добредојдовте во мојата колумна ПРЕСИНГ, која за време на СП во Полска и Шведска   „се емитува“ на специјализираниот портал, 24 Ракомет

ЈАКОБСЕН ЈА ЗАСИЛИ ОДБРАНАТА И ОВОЗМОЖИ „ОДМОРЕН“ НАПАД, НА СМЕТКА НА КВАЛИТЕТ НА КРИЛНИТЕ ПОЗИЦИИ, ЗА НАТПРЕВАР СО МАЛКУ ГОЛОВИ

Ќе беше премногу….

Шпанија, предводена на клупата, од, во моментов, најголемиот иноватор и тактичар на светската ракометна сцена, Жорди Ривера, со „осакатен“ состав, после две продолженија и трилер натпревар во четвртфиналето против Норвешка, „поскапо“ од моите очекувања (ама па на крајот на денот, полуфинале е) ја „продаде кожата“ и не успеа, во стилот на италијанскиот национален тим во фудбал, да се протне во финалето на СП во Полска и Шведска.

Без да навредиме никого кој го облекол црвениот дрес на земјата која е спортски гигант, со исклучителна техничка и тактичка подготвеност, со спортска интелегенција карактеристична исклучително за спортистите од екс ју просторите, мора да контатираме дека, после повредата на Тарафета, непосредно пред првенството, „рехабилитираниот“ Јоан Канелас, со повредена „прва постава“ играчи на крилните позиции, Шпанија, нема(ше) конкурентен тим (или барем така изгледа на прв поглед, или втор) против „залетаната“ Данска. Но, во спортот не секогаш два и два се четири….

Данскиот национален тим (читај Николај Јакобсен), на вчерашниот натпревар, не карактеристично за нивната флозофија, се одлучи максимално да се фокусира на одбраната, зацрвстувајќи ја со решенија кои не се адекватни во нападот, на позиција 2 и 5, во ликот и делото на Магнус Ландин Јакобсен и Никлас Киркелоке, од кои првиот не е прва опција во нападот на крилната позиција, а вториот воопшто не е десно крило, со цел да ги остави свежи и одморени главните актери во нападот на Данска (и во позиција да ја „влечат“ полуконтрата), Гитсел и Питлик, со само една измена напад-одбрана.

SF2 – Spain vs Denmark, IHF 2023 Men’s World Championship – POLAND, SWEDEN, Gdansk, 27.01.2023, Mandatory Credit © Sasa Pahic Szabo / kolektiff

Шпанците, од друга страна, со модифицирана и тактички непредвидлива  6-0 одбранбена формација, со две измени во напад-одбрана и без браќата Дујшебаев го стартуваше натпреварот. Стрпливо во напад, на моменти и „мачно“ за гледање, „црвената фурија“ тешко доаѓаше до чиста гол позиција, а и кога доаѓаше Никлас Ландин беше тука да спречи погодок. Се на се, со релативно анонимниот Валера на среден бек и без Алекс Дујшебаев во тимот Шпанија изгледаше, на моменти, беспомошно. Повредата на (пре)искусниот Канелас брзо ги врати работите на место и Алекс во тимот како среден бек. Впечаток е дека, и покрај се, Шпанија со Ривера на клупата, „вади“ максимум од составот, играјќи многу, многу трпеливо, интелегентно, на граница на пасивен напад,  играјќи си со нервите на скандинавските селекции кои сакаат на брз и ефективен начин да ја „завршат работата“. Со исклучок на еден-два упатени удари на Даниел Дујшебаев од дистанца од, релативно, неизградени позиции, нападот на шпанците, „бараше“ 6 метри, „туркаше“ топка на „црта“ и создаваше ситуација за Фернадес и Соле на крилните позиции.

РИВЕРА НАПРАВИ СЕ ШТО БЕШЕ ВОЗМОЖНО, НА ОВАА „ЗДРАВА“ ДАНСКА ВО МОМЕТОВ Е ПОДОБРА ОД „ФУРИЈАТА“

Данска во нападот, со „феноменот“ Матијас Гитсел и новата аквизиција Симон Питлик, изгледа „страшно“, и во ситуација кога Микаел Хансен, првпат после последната „непријатна средба“ со Перес Де Варгас во ЛШ, беше премногу „тивок“ во нападот, комплетно препуштајќи им младите да го предводат истиот. И, богами има на кој да ја остави Хансен оваа селекција. Матијас Гитсел, десен бек, со интересна градба, релативно низок и со „спуштен“ рамен појас, но со неверојатно квалитетна промена на правец, продорност, прегледност и инстинкт на „убиец“  е веќе докажан „голгетер“ од претходните големи собири, додека Симон Питлик, кој сеуште игра во домашниот ГОГ со широк ареснал на вештини (неверојатен скок шут, промена равец во една и друга страна и прегледност) сеуште не го кажал последниот збор во неговит индивидуален развој.

Со целиот свој напаѓачки „арсенал“ Данска немаше проблем да ја „разбие“ зоната на шпанците и имаше предност која се зголемуваше од минута во минута, работата одеше кон тоа дека Шпанија нема што да бара со овој состав на натпревар од екстремно високо значење. Сепак, „црвената фурија“ е уникатна и преискусна (без разлика на ростерот) за се да заврши на начин на кој повеќето од нас предвидуваа или во оваа констелација е реално да заврши. Ривера ја промени зоната во 5-1 со Одриозола како „идијанец“ и со стандардна антиципација на двојак или петка кога нема пивот, имаше за цел да го промени ритамот и да го натера противникот на повеќе технички грешки, но и да го сопре Питлик „да пука“ од дистанца. Во ситуација кога се „стегна раката“ на одредени играчи во составот на Јакобсен или ако сакате Де Варгас влезе во препознатлив ритам, шпанците со напад 7 – 6 (и Данска играше на спротивната страна) доаѓаа до чисти позиции и по +5 на Данска, „фуријата“ дојде до ситуација да има седмерец за -1.

НО, ќе беше премногу…. овој состав на Ривера да ја „прескокне“ Данска, здрава и физички подготвена, со „глава и опаш“ (Ландин на гол – Состранд и Мелагард во зона – Питлик, Хансен и Гитсел). Данска е заслужено во финалето и ќе се бори за третата по ред светска титула.

ЖЕРАРД ГО ИЗРАМНИ СВОЈОТ УЧИНОК СО ПАЛИЧКА, ФРАНЦИЈА ЈА ИСКОРИСТИ ДОМИНАЦИЈАТА ВО ПОЛЕ ЗА ПЛАСМАН ВО ГОЛЕМОТО ФИНАЛЕ

Домаќинот Шведска, со релативно лесна група, одморен состав, самодоверба и мотив до таван, во четвртфиналето го совлада Египет, но, со повредата на Џим Готфридсон, ги загуби шансите за пласман во финалето, имајќи предвид влијанието на, официјално, најдобриот светски ракометар, на двата дела на теренот и „експертите“ како најтежок противник во полуфиналето.

Во отсуство на Готфридсон, норвешкиот стратег на клупата на „трите круни“ со Лагерген, Клар и Карлсбогард на бековските позиции го стартуваше натпреварот, давајќи му шанса на ракометарот на Барселона (Карлсбогард) пред вонсерискиот Јохансон, со намера Шведска да игра без измени во „два правци“, а првиот заедно со Дарж или Бергендал да биде бедемот на цетралните позиции. Шведска, имајќи предвид дека физички, еден на еден тешко може да излезе на крај со француските ракометари, играше зона 6-0 која ја има „апсолвирано“ и бара поддршка од голман при шутеви од „надвор“.

И додека ја имаше поддшката, па и во ситуација кога нападот беше релативно стерилен и без адут кој може да разбие зона од надвор, но и без „петља“ да влезе „гради во гради“ со физички посилен противник, домаќинот држеше, каква – таква рамнотежа. За обележување е внесувањето во игра, на средината на првото полувреме, од страна на Солберг, на супер  талентираниот лев бек на германски Кил, играчот со, можеби, во моментов најдобриот скок-шут во светот на ракометот, Ерик Јохансон, а овој му возврати со неколку „проектили“, продори и асистенции.

France vs Sweden, IHF 2023 Men’s World Championship – POLAND, SWEDEN, Stockholm, 27.01.2023, Mandatory Credit © Anze Malovrh / kolektiff

Но, не за долго, Франција, прдводена од еден од кандидатите за титулата најкорисен играч на турнирот (заедно со Матијас Гитсел), Недим Ремили, како леворак ракометар, принудно на централна бековска позиција и Дика Мем со „цртана“ антропологија за модерен ракометар, кој брзо трча, високо скока, силно шутира, игра одбрана и сето тоа во континуитет на 60 минути, полека, градеше предност и создаваше нервоза кај домаќинот. За да бидеме коректни, Франција, иако потценета на позиција лев бек (особено по повредата на „големиот“ Никола) имаше поддршка од Пранди и на моменти Лагард, како надополнување на групата левораки ракометари на „експертите“. Во светот на нашиот прекрасен спорт, каде бековите (и голманите) се „главни“, синоќа уште еднаш се потврди дека позицијата кружен напаѓач има се позначајна улога. На таа позција синоќа Франција (заедно со константно солидниот Николас Турна) имаше играч кој освои се што може да се освои на клубски и репрезентативен план, настапувајќи за Монпеље и Барселона, подеднакво квалитетен на двата дела на теренот, пивот кој е тешко задржлив кога ќе се „закопа“ во место, но и кога втрчува „во празно“, истовремено цврст и елегантен.

Људовик Фабрегас, со шест погодоци, неколку седмерци и над него „направени исклучувања“ максимално ја искористи лошата комуникација на шведската одбранбена зона, составена од играчи кои на вчерашниот натпревар играа без потребната сзамодоверба и меѓусебна помош, поместувајќи ги границите и поставувајќи серизони стандарди за генерациите кои доаѓаат. Константен како ретко кој во денешниот ракомет.

Да забележиме дека Андрес Паличка беше „лош“ и деконцентриран во вториот дел, а без него и Готфридсон Шведска нема што да бара во борба за пласман во големото финале. Особено кога долго оспоруваниот Винсент Жерард имаш конкурентен (со Паличка) учинок на другата страна. Кога ситуацијата е таква (Франција има коректна поддршка од голмани), „експертите“ како генерално доминантни во поле, тешко (и никако) губат натпревар.

ХАНСЕН ВО „ПЕТТА БРЗИНА“ И ПРЕВЗЕМАЊЕ НА ОДГОВОРНОСТ, АКО САКА ДАНСКА ТРЕТ ТРИУМФ ЕДНОПОДРУГО

Во петтото меѓусебно финале на големите смотри, седува дуел на двајца левораки ракометари, најсериозни кандидати за МВП признанието, Гитсел и Ремили, во ситуација кога Данска е конкурентна на позиција голман и лев бек, а Франција има „подолга клупа“ на пивотменска позиција, неуморлив и потентен десен бек кој игра во два правци и одбрана која може да „се истепа“ со секој колектив во светскиот ракомет. Хансен беше (пре)тивок вчера, за трето злато и создавање на статус „бесмртни“ ќе мора да „стави во петта брзина“ и да им помогне на Гитсел и Питлик во нападот, слично како Дебоне и Жерард кои на последните два натпревари се надополнуваат на голот и ја даваат потребната поддршка на патот кон ново злато.

Без разлика што е повреден, но е на клупта за резервни играчи, утрешното финале е, можеби, последниот дуел на двајца великани на светскиот ракомет, Никола Карабатиќ и Миакел Хансен. Со надеж дека ова финале долго ќе се прераскажува…