Екипата на Тиквеш, која во минатата сезона заврши на петтото место во суперлигашката конкуренција, откако го реши тренерското прашање, започна да работи на составувањето на играчкиот кадар.
Нов член во редовите на тимот од Кавадарци ќе биде повратникот со суперлигашко искуство, Мартин Димовски. Станува збор за ракометар, кој може да одигра како десно крило и десен бек.
Димовски во изминатата сезона го носеше дресот на Алкалоид. Со тимот од Скопје го освои првото место во Првата лига, како и шампионскиот пехар во младинскиот шампионат. Во својата кариера настапуваше и за екипата на Голден Арт и матичниот Тиквеш.
Од составот на Тиквеш си заминаа левиот бек Јане Јанчев, десниот бек Дејан Гошевски и голманот Александар Стојаноски, додека раководството на клубот успешно ја продолжи соработката со српските интернационалци, средиот бек Страхиња Симиќ и кружниот напаѓач, Никола Стефановиќ.
Пред потпис со Тиквеш се наоѓа и довчерашниот голман на Охрид, Јагош Брауновиќ, српскиот интернационалец Лазар Петровиќ и босанскиот ракометар Арнад Хамзиќ.
Кавадарчани во следната сезона, во која ќе бидат предводени од нов тренер, ќе играат во група Б заедно со Еурофарм Пелистер, Скопје, Голден Арт, Пролет, Еурофарм Пелистер 2, Радовиш и Јуниор КВ.