Новиот селектор на женската сениорска репрезентација на Шпанија, Мартин Амброш, ги одржа првите репрезентативни тренинзи на кои присуствуваа 32 ракометарки.
Искусниот стратег откако пред повеќе од еден месец ја наследи селекторската функција во некогашниот светски вицепрвак, не чекаше многу да означи старт на подготовките за претстојните квалификации за настап на Европското првенство 2024, кое ќе се одржи во Австрија, Унгарија и Швајцарија.
Како што е веќе познато, шпанската репрезентација во квалификациите ќе игра против Македонија, Литванија и Азербејџан. Шпанија е голем фаворит во петтата квалификациска група и сосема е сигурно дека ќе избори ново учество на континенталниот собир.
Амброш и неговите избранички првиот дуел против нашата репрезентација ќе го одиграат на 28 февруари во Скопје, додека реваншот е закажан за 2 март.
Паралелно, со подготовките за квалификациите за Европското првенство, репрезентацијата на Шпанија ќе се подготвува и за настап на Мундијалот во Данска, Норвешка и Шведска, така што новиот селектор на Шпанија ќе има јасна слика за квалитетот на сите ракометарки.