Денеска ракометарите на Бутел Скопје го започнуваат настапот во Лигата на Европа, а за ривал во првото коло го имаат унгарскиот тим Ѓенѓеш. Иако станува збор за дебитант на европска сцена, сепак Ѓенѓеш е тим со искусни ракометари, кои како поддршка имаат младински репрезентативци на Унгарија.
Покрај пикерот Урош Виловски, меѓу поискусните ракометари е десниот бек Митар Маркез, кој е најдобар стрелец на тимот. 29-годишниот српски десен бек играше за Монпелје, Гепиген, Одорхеи, Алпла Хард…и верува дека имале добра ждрепка.
„Мислам дека поминавме добро, бидејќи можевме да добиеме и понезгодни екипи од Бутел Скопје. Зборував со многу мои поранешни македонски соиграчи од Одорхеи и добив информации за каква екипа се работи. Гледавме овде снимки од Бутел, па можам да кажам дека се работи за добро вкомпонирана екипа. Го познавам само голманот Даскаловски од Романија, но нема да потценуваме никого! Мислам дека е огромна предност што играме два пати дома, бидејќи ќе ја имаме и поддршката од публиката. Тешко е некој да не победи дома. Ѓенѓеш последните неколку години има одлична екипа, клубот расте од година во година, а ние играме заедно долго време, тоа е нашата предност. Минатата сезона остваривме историски успех, бевме зад Веспрем и ПИК Сегед, а ќе се обидеме и оваа година да го повториме истот, но нема да биде лесно бидејќи во Унгарија има шест-седум врвни екипи“, вели Маркез за 24Ракомет.
Првиот натпревар меѓу Бутел Скопје и Ѓенѓеш се игра на вечерва од 19:00 часот, додека реваншот е утре од 18:00 часот во спортската сала „Андраш Фејес“ во Ѓенѓеш.