Повремената репрезентативка на Македонија, кружниот напаѓач, Марија Николиќ по пет сезони минати во грчки ПАОК, реши да го напушти тимот од Солун и во следната сезона ќе има нов предизвик во својата кариера.
Ракометарката, која потекнува од школата на Кометал ЃП, поточно од Ангели Волково, клуб кој функционираше како подмладок на поранешниот европски шампион и беше предводен од Силвана Миленковиќ, пред да го засили тимот на ПАОК, пет сезони го носеше дресот на поранешниот македонски шампион, Металург.
Во екипата на ПАОК пристигна во сезона 2017/18 и се покажа како вистинско засилување во грчкиот шампион. Николиќ со екипата на ПАОК доминираше во Грција, освои четири двојни круни, а во 2021 година беше прогласена за најдобар пивот во грчкиот шампионат.
Во најголемиот дел од натпреварите на ПАОК во сите пет сезони беше меѓу главните стрелци на екипата. Во својата кариера настапуваше и за екипите на Кометал, Еуростандард Ѓорче Петров, односно Ѓорче Петров.